
Општините ќе ги изгубат надлежностите над плажите, но не и над градежното земјиште
Поради лошото менаџирање со плажите во минатото, со измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање кои поминаа на Влада и се очекува да влезат во собраниска процедура, сите општини во земјава ќе ги изгубат надлежностите над плажите, но ќе ги задржат над градежното земјиште. Ова го кажа министерот за транспорт и врски, запрашан од претседателката на собраниската Комисијата за култура, кога ќе почне спроведувањето на препораката 6 од УНЕСКО, за времен мораториум за градба во Охридскиот регион, по спроведениот мониторинг во април 2017 година.
Во јавноста проструи дека ние како министерство сакаме на Охрид и на Струга да им ги земеме надлежностите над градежното земјиште. Не. Тоа е за крајбрежниот појас, односно се однесува само во делот на плажите. Ингеренциите во делот на градежното земјиште си остануваат на општините и не само на нив туку и на сите други, рече Сугарески.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска праша до кога ќе се толерираат дивоградбите во Струга, зашто со палењето на трските, се уништува биодиверзитетот.
Ние ги имаме извештаите на инспекторите. Ама немаме што понатаму со тие извештаи. Зашто знаеме што е сторено, ама тоа не запира. Јас знам дека рушењето е непопуларно, ама до кога ќе го толерираме, праша Исмајлоска.
Сугаревски одговори дека дел од дивоградбите треба да се рушат, а дел да останат, со цел обезбедување правен статус на многу објекти кои се диво изградени на Охридскиот брег.
Со постоечкиот закон се легализираа сите. Ете тоа да ви го кажам. Меѓутоа морам и ова да го кажам , 100 000 објекти кои што останаа со непостапувањето по тој закон, треба да имаат одреден правен статус. Значи не може да стојат , да бидат дивоградби. Или треба да се легализираат или треба да се рушат. Трето нема, вели Сугаревски.
На прашањето, дали имаат увид во дивоградбите , од Комисијата за управување со Охридскиот регион рекоа дека не поседуваат такво нешто, а според Коста Шекутковски од Државниот инспекторат за градежништво, со измените на Законот за градење кои се на сила, ингеренциите на инспекторите се намалени. Поради подготовка на надзорна расправа за Годишната програма за култура, на седницата на присуствуваше министерот за култура Адеми, кој има функција, претседател на Националната комисија на UNESCO. Од опозицијата рекоа дека нема оправдување за отсуството и дека наместо Адеми требало да дојде заменикот – министер или државниот секретар, зашто имале прашања за нив.
Сотир Трајков