Службен весник веќе нема да објавува одлуки со старото име на државата

Владата, министерствата, владините агенции веќе се заведени во Централниот регистар со новите имиња кои во вторникот ги објави владата порад уставните измени. Од Централниот регистар велат дека постапката на регистрацијата на институциите со новите имиња е во тек и дека од нивна страна сите се информирани да поднесат официјално барање и потребни документи за тоа. Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска – Јанковска за Телма вели оти се надва дека до 15 март, до кога е рокот, ќе биде завршена целата постапка и од нивна страна и од страна на институциите.

Меѓу институциите кои до денеска се уште го немаат сменето името е претседателот на државата. Од Кабинет на претседателот Ѓорге Иванов не добивме одговор дали поднеле барање за пререгистрација со новото име Претседател на Република Северна Македонија.

Токму старото име на државата, беше употребено на указите со кои претседателот минатата недела одликуваше, унапредуваше и поставуваше воени претставници во станство. Иванов на 25 феврури го издал указот како Претседател на Република Македонија, две недели по стапувањето на сила Договорот од Преспа и новото уставно име.

Освен под тоа име, со указот Иванов постави одбранбеното аташе во Франција и воен претставник во НАТО во Брисел како претеставници на Република Македонија, држава која уставно-правно веќе не постои и во ОН и НАТО е Република Северна Македонија.

Указот на претседателот со старото име на државата Република Македонија на 26 февруари беше објавен во Службен весник од каде за Телма велат дека во иднина нема да ги објавуваат одлуките на Иванов и неговите акти, ниту на некоја друга институција, доколку не бидат со новото уставно име на државата, Република Северна Македонија. Директорот на Служвен весник, Мартин Костовски, посочува дека во делот на обврските претседателот на државата треба да ги почитува најновите уставни одредби. Костовски за Телма вели дека нема да биде сооучесник во непочитувањето на уставот од страна на претседателот Иванов, ниту на некоја друга институција.

За ова прашање било разговарано и во владата. Неофицијалните информации од таму се дека указот токму поради користењето на старото име е нелегитимен, но официјално нема информација како понатаму ќе се постапува по указот, особено ако се знае дека веќе се ивршени примо-предавањата на командните места во армијата по поставувањата од Иванов. Од министрството за одбрана велат дека нема да продолжат со упатувањето на воените претставници во странство, не само поради упатување под старото име на државата, туку и поради тоа што се назначени во предизборен период.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ