
Санкции за градежни активности на брегот од Охрид
Какви било градежни активности преземени спротивно на законот сега или во минатото на крајбрежјето на Охридското Езеро, ќе бидат санкционирани од надлежните институции, а таквите објекти ќе бидат отстранети, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на Охрид. Тој рече дека е запознаен со случувањата на струшкото крајбрежје, каде изминатиот период имаше повеќе случаи на палење на трската и одредени градежни активности, за кои општината тврди дека се на приватни имоти. Градежниот инспекторат извршил вонреден надзор и издал соодветни решенија, а доколку општината не постапи по истите, тоа ќе го стори државата, најави Сугарески.
Неконтролираното градење и уништувањето на природните добра на крајбрежјето е главната причина поради која државата ќе ги врати во владение плажите на Охридското Езеро, истакна Сугарески. Општина Охрид смета дека преземањето на надлежностите врз плажите од државата е позитивен момент, кој ќе придонесе за решавање на бројните проблеми.
Министерот за транспорт и врски, кој денеска изврши обиколка на градежните работи на транзитната сообраќајница „Туристичка“ во Охрид, информираше дека законот со кој државата ќе ги преземе ингеренциите врз крајбрежјата на езерата, во собраниска процедура ќе влезе наредната недела и дека има доволно време до почетокот на туристичката сезона да се воведе ред на плажите.
Горан Момироски