Вести И се воспалиле белите дробови и не можеле да ја спасат – почина 14 -годишно девојче од грип
14 годишно девојче од Охрид се заразило со вирусот, а починало на Инфективна откако не успеало да се избори со тешката клиничка слика. И се воспалиле белите дробови. Лекарите се обидувале, но не можеле да ги спречат компликациите кои настанале поради повеќето болести кои ги имала пациентката.
- Се работи за пациент од Охрид со претходна клиничка ситуација односно пациентот имал церебрална парализа. Тоа е едно од оние хронични заболувања коишто се предуслов за потешки форми на грип, вели Владимир Микиќ – Институт за јавно здравје
Девојчето починало пред речиси една недела, на 27 февруари. Лекарите после една недела добиле увид и во тој нов случај. Епидемиолозите од Институтот за јавно здравје денес беа известени преку редовниот систем за известување.
- До нив пристигнале податоци и за петтата жртва којашто починала од компликации предизвикани од грипот. Во меѓувреме, на скопските клиники десетина пациенти се во критична состојба.
Оваа година епидемиолозите измериле посебно висока активност на вирусот. Подготвени се да ги анализираат и наредните примероци кои ќе им пристигнат во лабораторијата. Предупредуваат дека грипот ќе продолжи да ги мачи луѓето и во наредниот период.
- Се уште очекуваме да имаме ризик и од понатамошни случаи коишто можат да завршат со тешка клиничка слика па дури и смрт, вели Микиќ.
Досега сите случаи на смрт од грип беа поврзани со некаква претходна хронична болест. Освен еден повозрасен пациент, кој имал тешка клиничка слика. Епидемиолозите посочуваат дека лицата кои се повозрасни, а не се вакцинирани се речиси подеднакво подложни на комплицирана клиничка слика од обичниот грип – како и оние кои веќе боледуваат од некоја хронична болест.
Петар Догов



