Законот за СЈО оди во Собрание

Висат бомбите како докази во новоотворените истраги како „Империја“ за Камчев, Мијалков, Панделевски, „Попис“ за Ахмети и Груевски „Пацинет“ за Бујар Османи и 15-тина други истраги. Ова произлегува од законското решение со кое се регулира статусот на СЈО, а кое попладнево беше усвоено од владата. Во него стои дека СЈО продолжува да ги застапува обвиненијата поднесени до 30-ти јуни 2017, но и обвиненијата и истрагите отворени подоцна, но тоа не важи и за аудио снимките.

  • Материјалите од незаконското следење на комуникациите Специјалното јавно обвинителство може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година и истите може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, соопштија од министерството за правда. 

Со ова законско решение се премостува начелното правно мислење на Врховниот суд кој одлучи дека на СЈО му е истечен рокот за истраги и обвиненија и врз основа на ваквиот став вчера ги пушти да се бранат од слобода Камчев, Панделевски и Јосифовиќ за „Империја“.

Предлог законот предвидува бомбите кои не биле користнеи како докази да бидат уништени една година откако правосилно ќе завршат сите судски постапки, исто како што се постапува со посебните истражни мерки.

Иднината на СЈО се решава во ист закон со редовното обвинителство но се прави и дистинкција во надлежноста со организиран криминал. СЈО во иднина ќе гони и висока корупција односно кривични  дела за попречување на правдата, против изборите и гласањето,  перење пари, но и измами и злоупотреби поврзани со избрани и именувани функционери.

Своите предмети обвинителите на СЈО ќе ги застапува пред Основен и Апелационен суд, а пред Врховен ќе оди обвинител од Републичкото обвинителство.

Коалиционите партнери, СДСМ И ДУИ се усогласиле околу иднината на СЈО, па конечно се отвори патот на законот за јавно обвинителство да излезе од министерството за правда и да се најде пред министрите на владина седница,  откако претходно беше закочен и се чекаше поддршка од ДУИ.  Следната станица е Собранието каде владеачкото мнозинство ќе се договара со опозицијата бидејки за законот е потребно двотретинско мнозинство. Премиерот очекува повторно да биде изгласан со консензус од сите партии.

Законот со кој се решава иднината на СЈО е еден од клучните реформски прашања низ кои меѓународната заедница ја оценува земјава за на евроатланскиот пат. Законот беше закочен во Правда ја продолжува процедурата денеска, ден по посетата на Филип Рикер идниот помошник државен секретар на САД. Тој се сретна со Заев, Мицковски и Ахмети, а во изјавата иако не го спомена конкретно СЈО рече дека иднината на земјава зависи од консензусот на политичките парти околу  законодавството и дека за дел од законите има поддршка и од опозицијата.

 

Елена Ивановска Мукоска

 

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ