
Се укинува Секретаријатот за рамковен договор
Со измени на два закони, се укинува Секретаријатот за Рамковен договор, кој 15 години водеше грижа за спроведување на Охридскиот договор. Поточен израз е: се унапредува, бидејќи неговите надлежности, сите илјада и 700 вработени, опремата и документацијата, ќе преминат во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Ова Министерството ја презема и грижата за образованието на заедниците како и унапредувањето на нивните културни вредности. Ќе почне да функционира од први јуни, а по претседателските избори Собранието ќе избере министер и заменик.
Ова ќе биде 16-то ресорно министерство на Владата. Ќе повлече дополнителни буџетски средства, но нема пресметка колку. Кабинетот на премиерот Заев ја задржува бројката од 25 министри: 16 ресорни, 7 без ресор и 5 вицепремиери, од кои дел со ресор, дел со посебни задолженија.
Формирањето министерство автоматски го ослободува министерското столче на вицепремиерот Хазби Лика. Минатата година, тој со месеци не доаѓаше на работа, не се појавуваше на владините седници, на партиските манифестации организирани од ДУИ, па дури ни на јавни настани поврзани со реализацијата на рамковниот договор. Секретаријатот, формиран за подобрување на вработеноста кај помалите заедници, често беше цел на негативни критики бидејќи стотици, пред се албанци, по вработувањето не беа распределени на работни места па добиваа плата за седење дома. Името на вицепремиерот Лика беше дел од шпекулациите за реконструкција на Владата, но овој кадровски зафат, што го најави самиот премиер, постојано се одложуваше. Паралелно, ДУИ го избегнува прашањето за некакво внатрепартиско несогласување меѓу Лика и лидерот Ахмети.
Идејата за формирање Министерство за политички систем е стара неколку години, а сега доаѓа како предлог на група пратеници од СДСМ, ДУИ и Независната група на ВМРО ДПМНЕ. На дневен ред е на собраниска седница на 14-ти март.
Соња Николовска