Државата тешко ги собира приходите од ДДВ, ќе има ли поврат за граѓаните од 1 јули?

Земјава уште слабо ги собира приходите од ДДВ, не се наплатуваат дури 15 до 25 проценти од потенцијалните пари од овој данок, предупредува ММФ во својот последен извештај. Навеле дека земјава заостанува во однос на другите држави од регионот, и поради ниските стапки, и поради големите ослободувања. Сепак, главен проблем се контролите и слабиот капацитет на даночната администрација.

Експертите се децидни дека во земјава се уште има проблем со издавањето на фискални сметки. Со нови закони власта ќе се обиде да го реши тој проблем во угостителството и кај обложуивалниците, со нив ќе се забрани сторнирање на сметките по истекот на 20 минути, за парите да не се ставаат во џеб пред да се платат давачките кон државата. Но, проблем е што на терен недостигаат потребните контроли, додека економијата не се дигитализира и не се повлечат готовите пари од оптек, УЈП ќе мора да го зајакне својот капацитет.

„Според актуелниот кадар, факт е дека им недостигаат луѓе, треба да се знае дека секој еден нов вработен даночен инспектор, многу ќе го зголеми бенефитот. Очекувањата се дека ако им недостига кадар, да го надополнат, бидејќи на овој начин се врши дисторзија на економијата и се нарушуваат конкурентските односи, едни да не плаќаат, а други да плаќаат“, вели Павле Гацов, даночен експерт.

За да се подобри наплатата на ДДВ, премиерот Заев веќе најави дека од 1 јули ќе стартува поврат на 15 отсто ДДВ за граѓаните, со што тие сами ќе бидат контролори бидејќи ќе сакаат да купуваат само од оние дуќани што ќе издаваат фискални сметки. Од Финансии се уште не излегуваат со прецизен датум кога ќе стартува оваа новина.

„Во тек се подготовките за повратот на ДДВ кон граѓаните. Се разгледуваат сите можни ефекти од примената на оваа мерка. Мнистерството за финансии за деталите транспарентно и навремено ќе ја извести јавноста“, велат од Министерството за финансии.

Ова е многу сериозен и сложен проект, кој ако добро не се обмисли, може само да го преоптовари системот и дополнително да го дерогира, па државата од него ќе мора да се откаже за една до две години, предупредуваат експертите.

„Оваа сложена операција не може да се изведе само со просто прибирање, собирање на фискалните сметки, па некој да пресметува со дигитрон и да враќа, треба да се воведе дигитално решение, со платежни даночни картички, при секој промет да се евидентира колку треба да се врати“, вели Гацов.

Всушност, овие даночни картички би функционирале на сличен начин како картичките за поени во маркетите, и веднаш би се пресметувало колку треба да се врати. Според експертите, за фискална сметка од илјада денари, купувачот ќе добие назад скромни 23 денари, а веќе за 10 илјади денари, заштедата е нешто поголема, 230 денари. Од Владата пресметале дека на овој начин секое семејство ќе добие назад од 25 до 30 илјади денари годишно.

Оваа мерка засега ја нема во ниту една држава, своевремено се спроведувала во Турција, а беше едно од ветувањата на власта пред изборите.

 

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ