
Законот за абортус ги скара политичарите и свештениците
Власта и опозицијата се сложија во ставовите за абортусот. Но, не и свештениците со нив. За политичарите жената треба самата да одлучува што ќе прави со своето тело и не смее таа да биде доведена да посегне по нелегални начини кога сака да ја прекине бременоста. За свештениците е недозволиво откажување од зачнатиот нов живот. Сепак, тие не можеа меѓусебно да се скараат и на расправа внатре во Собранието.
„Многу ми е драго што беше спречено нивното влегување во овој Дом. Тука се носат световни закони. Верските заедници можат да си зборуваат за своите црковни закони, но во нивните храмови“ кажа Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права.
Поповите и оџите не биле добредојдени внатре во Собранието. На портите дошле претставниците на верските заедници кои претходно го најавиле своето присуство. Ги прашавме од МПЦ, а, оттаму ни одговорија дека не им било дозволено да влезат на расправата.
„Од МПЦ не информираа дека нивни претставници биле спречени од претседателката на Комисијата за здравство да присуствуваат во Собранието на расправата за предлог-законот за прекинување на бременоста. Сепак тие останаа децидни на својот став дека за нив абортусот е убиство.“
Власта и опозицијата му аплаудираа на новиот предлог-закон за абортус. Велат, жената треба да има избор самата да одлучува. Во текстот на Законот како опција се предвидува жените да можат да ја прекинат бременоста и со обично апче до деветтата гестациска недела.
„Да донесеме Закон со којшто жената ќе може свесно и без принуда од било кого ниту пак со влијание од било кого да донесе одлука како и што да прави со своето тело“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
„Доколку една жена одлучила да ја прекине бременоста или не сака или не може да го роди своето дете односно сака да го планира семејството – административните забрани нема да ја спречат жената да абортира“ кажа Даниела Рангелова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од невладините присутни на Комисијата за здравство се налутија затоа што според нив се води нецелосна дискусија во Собранието. Критикуваа дека фокусот е ставен само на абортусот. Запрашаа – што со правото на жената да се оствари како мајка?
„Кога велите дека има право на избор – зошто само абортусот го ставате како избор? Каде е нејзиното право да се оствари како мајка и да го чува своето дете и каде е нејзиното право да избере да го роди и да го даде на посвојување? За некои кои навистина гласно зборувате за правата на жената тогаш зошто не зборувате за правата на девојчето што ќе се роди да биде посвоено и да расте во семејство?“ кажа Светлана Јованова од центарот за советување и помош на жени „Лидија“.
Јавната расправа во Собранието се одржува на предлог на ДУИ.
Петар Догов