
Силјановска- Давкова ја побара поддршката од унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ
Се обврза дека ќе ги поддржува правата на жените и нивната застапеност во општеството, а од говорницата во македонската опера и балет на годишниот собир на унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ја побара поддршката за претседателските избори. Кандидатката за претседател Гордана Силјановска- Давкова, рече дека е повратник во политичките води, но овој пат за да промени нешто.
„Меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш и имаме добар живот. Но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин земена, украдена, окупирана од многу мал број на луѓе кои мислат дека знаат се, дека политиката е нивна. Дека политичкото е нивно обележје. А, кога нема критика, не може да има добра политика. Значи не смее политиката да биде во рацете на неколкумина, не смее политиката да биде само една страна, а да нема критичка димензија“, појасни г-ѓа. Силјановска Давкова.
Се повика на историјата, науката и правото во одбрана на уставното име, кое според неа владата не требала да го менува за внатрешна употреба. Силјановска смируваше и убедуваше, додека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски ја искористи говорницата да испрати остра критика до власта, а не штедеше зборови и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
„Значи толку голема е кадровската криза во СДСМ и откако ги вработија сите роднини на функционери и не остана незапослен роднина на функционер, започнаа нов процес да ги кандидираат луѓето по втор пат за иста функција иако веќе еднаш загубиле на избори. Не знам во СДСМ но ние на факултет ги викаме квадранти, луѓе кои по втор пат запишуваат иста година затоа што паднале претходата,“ рече Мицковски
Местото на Силјановска и на Мицковски на говорницата им го отстапи домаќинот на настанот Благица Ласоска. Како претседател на унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, порача на како што ги наарече нејзините сопартијки, „лавици“ дека општеството е поделено и непомирено. Жените членови на ВМРО-ДПМНЕ одбележаа 18-години партиски активизам.
Павле Беловски