Втора шанса за победа на Стево Пендаровски

Советникот на двајца поранешни претседатели, доби втора шанса да седне во фотељата на своите претпоставени. СДСМ, ДУИ и 29 други партии одлучија дека Стево Пендаровски заслужува уште еднаш да ја истрча претседателската трка, откако пред пет години загуби од Ѓорѓе Иванов со 140 илјади гласа разлика. За тогашниот пораз, но и за новата шанса, тој денеска се огласи на фејсбук.

Пендаровски за еден месец ќе полни 56 години, женет е и татко на едно дете. Во моментов е национален координатор за НАТО, откако по само една година во пратеничките клупи, се откажа од функцијата. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде и магистрирал и докторирал. Доцент е по меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација, на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Политичката кариера му почна како шеф на одделението за аналитика на МВР, па преку заменик – министер за внатрешни работи задолжен за односи со јавност, стана советник во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Кратко време беше и претседател на Државната изборна комисија.

Кампањата пред пет години ја водеше без класични митинзи. На средбите, граѓаните прашуваа, а тој одговараше. Во американски стил, на стартот на кампањата се обрати и неговата сопруга.

За начинот на кој беше кандидиран, претседателот на ВМРО ДПМНЕ изјави дека тоа е „традиционална матрица што ја пустошеше Македонија во изминативе 27 години.“

Кандидатурата на Пендаровски треба да биде потврдена на утрешниот конгрес на СДСМ. Доколку и делегатите го изберат него, тој ќе биде третиот професор кој ќе се бори да влезе во Резиденцијата на Водно. Главен противкандидат ќе му биде колешката Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од ВМРО ДПМНЕ, а Беса и Алијанса за Албанците  ја поддржаа кандидатурата на професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Блерим Река.

Доколку ниту еден од нив не победи убедливо во првиот круг на 21 април, вториот круг гласање ќе се одржи на 5 мај.

Далиборка Демјанска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ