
Функционерите си вработувале цели фамилии „на државно“
42 нови лица си нашле работа „на државно“, благодарение на своите мајки, татковци и братучеди. Од министрите предничи министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој си ги вработил двете сестри, а внукот го унапредил во директор. Пратеничката Мира Стојчевска доби конкуренција во колешката Тања Ковачева, која си ги вработила сопругот, сестрата и зетот.
На овој список се и уште седуммина пратеници, кои си вработувале ќерки, сопрузи, браќа, сестри, внуци и братучеди. Пратеникот Сашко Атанасов си ги вработил и двајцата братучеди, и тоа како наставници во исто училиште. Фросина Ременски го вработила внукот, Анета Симеска – братот, Татјана Лалчевска -ќерката, Славица Шуманска – братот, Ристе Ташев – сестрата.
На списокот има и директори и советници. Отворени се предмети и за поранешни функционери меѓу кои води пратеникот Антонио Милошоски кој си ги вработил снаата, вујкото, братучедот и братучетката. Игор Јанушев, како поранешен директор на ЈСП, си ги вработил таткото и сестрата. Поранешниот генерален секретар, Кирил Божиновски, си ја вработил сопругата, а поранешната претседателка на Уставниот суд, Елена Гошева – двете ќерки. Поранешниот градоначалник на Лозово, Орце Цветковски, пак, си ја вработил речиси целата фамилија, едниот син во Водовод во Велес, а другиот син, внуката и братучедот – во општината. На списокот за непотизам, се најдоа и судии и вработени во кабинетот на претседателот.
Од Антикорупциската комисија велат дека на овој синдром не е имуна ниту една влада, но мора да се иницираат законски измени што ќе го спречат.
Претходно, Комисијата отвори 18 предмети за непотизам, кои се уште не се завршени и за нив се собираат податоци. Отворен е и случај со министер кој си вработил тројца блиски роднини на позициите директор, заменик и наставник во исто училиште, но неговото име не се открива. Ќе поведат прекршочна постапка и за поранешниот министер Азис Положани, кој пред една година е избран за ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, а не доставил анкетен лист за имотната состојба.
Далиборка Дамјанска Цветановска