
Граѓаните и натаму ќе купуваат струја од ЕВН, таа победи за универзален снабдувач
Граѓаните и натаму ќе купуваат струја од ЕВН. Конзорциум составен од ЕВН Македонија и ЕВН електроснабдување, е избран за универзален снабдувач со електрична енергија за следните 5 години, во битката со државната ЕЛЕМ, откако на денешната аукција понуди најниска маржа од 11,5 проценти. Од Владата тврдат дека изборот е направен транспарентно и во корист на граѓаните, а универзалниот снабдувач ќе ги заштити од ценовни шокови, во услови кога на берзите расте цената на струјата. Оваа година ЕВН дури 80 отсто од струјата ќе ја купува поевтино, од домашниот производител ЕЛЕМ, а остатокот на слободниот пазар.
Со оглед дека цената на пазарот е зголемена, доколку не беше универзалниот снабдувач, миксот на цени ќе беше таков да требаше граѓаните да очекуваат зголемување на цената. Се надеваме дека преку овој механизам на воведување на универзален снабдувач и оваа методологија, ќе ги заштитиме граѓаните, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Регулаторната комисија за енергетика во јуни ќе ја одредува цената на струјата. Според Анѓушев, никој не знае што ќе се случува со цената на слободниот пазар, но граѓаните не треба да стравуваат од зголемени цени.
ЕВН и досега ги снабдуваше граѓаните со струја, но вицепремиерот вели дека начинот на пресметка практично бил монополистички, па некогаш се признавале и нереални трошоци на компанијата. Сега тоа ќе го нема, а ЕВН ќе мора со маргината да ги покрие сите трошоци и што повеќе да ги крати ако сака повисок профит. Но струјата не може да поевтини заради високите цени на регионалните берзи.
За граѓаните практично и ќе нема промени, тие сметките за струја ќе ги плаќаат исто како и досега, само што ќе има ново име компанијата што ќе ги снабдува, бидејќи согласно Законот за енергетика ќе треба да се формира ново претпријатие.
Граѓаните за ништо да не се секираат, ништо нема да им се промени, тие нема да треба да потпишуваат нови договори, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Иако во земјава има 8 овластени снабдувачи, ни една досега не излезе со понуда за граѓаните на слободниот пазар, причина за тоа е скапата струја на берзите, која така нема да биде атрактивна за потрошувачите. Затоа од либерализацијата засега бенефит имаат малите компании, кои почнаа да купуваат струја на слободниот пазар, па нивните трошоци се намалени за 20 до 30 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска