
Собранието не му го одзеде имунитетот на Трајко Вељаноски
Неколку минути по 24 часот, вака заврши обидот за одземање на имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски. Талат Џафери соопшти дека ќе го извести судот дека Собранието не изгласало одлука ниту за Вељаноски ниту претходно за Љупчо Димовски. Мухамед Зеќири, кој реагираше што нема гласање, ги отфрли обвинувањата дека упатувал лични навреди и посочи дека Џафери свесно го заштитил Вељаноски.
„Собранието донесе принципиелна одлука. Стојам на располагање за сите покани по предметот“, се огласи Вељаноски на социјалните мрежи. А партиите, со меѓусебно префрлање на одговорноста за ваквиот епилог. ДУИ го обвини Павле Богоевски дека се договорил со ВМРО-ДПМНЕ, а тој ја обвини ДУИ за саботирање на комисијата и на Собранието.
За Алијансата на албанците, ова е договорен театар меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Го нарекоа Џафери „добар актер кој не заслужува да биде првиот албанец-претседател на Собранието. Во опозициската партија ги отфрлаат наводите за некаков договор со ДУИ.
Во СДСМ оценија дека нема услови за активности во Собранието. Не дојдоа на редовната координација кај Џафери, а двете пленарни седници и неколкуте комисии беа одложени. Веруваат дека од утре парламентот ќе се врати во функција.
Соња Николовска