
Медиумско катче во Кривичниот суд
Првиот медиа центар денеска беше промовиран во Кривичниот суд во присуство на претседатeлот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев и амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која. Медиа центарот се наоѓа на првиот кат од новата зграда на Кривичниот суд во близина на големата судница и поседува шест компјутери со интернет конекција, видео врска со главната судница и мала библиотека со стручна литература.
Овој центар за медиуми е опремен со поддршка на мисијата на ОБСЕ а амбасадорот Која посочи дека целта е е да се промовира транспарентноста. Центарот ќе биде почетна точка од која новинарите ќе можат да добијат информација за работата на судот и ќе им овозможи да ги следат судските процеси преку видео врска во живо во случај кога капацитетот на судницата е ограничен, рече Која.
Медиа центарот според претседателот на судот Џолев е прв чекор кон обезбедување на подобри услови за новинарите кои известуваат за судските постапки и посочи дека судот останува посветен на транспарентноста и отворен за медиумите и невладините организации. Џолев ги истакна двојазични брошури и табли изготвени со поддршка на ОБСЕ а со цел да им се објаснат правата и обврските на граѓаните и на судот.