Македонска Каменица го добива првото училиште за пица мајстори

Страст, свежи состојки и вистинска температура, ова се трите елементи за правење на пица, смета светскиот шампион во правење на пици, Зоран Јовановски, кој откако ги освои сите награди и живееше во странство сега се враќа во рударскиот град Македонска Каменица. Тридецениското искуство ќе го пренесе и на младите, во неговиот роден град ќе го отвори првото училиште за пица мајстори, коишто ќе добиваат диплома од Академијата за пица од Италија, што постои веќе 35 години.

Јовановски својата земја два пати ја претставувал на Светско првенство во Италија, во 2017-та прогласен е за најдобар пица мајстор во Шведска, а во Шангај бил меѓу петте најдобри во светот. Тој во моментов  ја подготвува програмата по која ќе учат идните пица мајстори. Идејата е таа да се реализира преку Центарот за образование на возрасни. Локалната власт во Македонска Каменица му помога да го изоди тој пат низ институциите во земјава и да го организира првиот голем натпревар во правње пици.

За првото училиште за пица мајстори најголем интерес има од тинејџерите, но и од нивните родители, коишто сметаат дека со учењето на овој занает полесно ќе најдат вработување. Јовановски е вториот повратник од странство во Македонска Каменица, којшто ќе инвестира, но и ќе отвори нови работни места. Бројот на иселеници од овој град се уште не се знае. Летото се отвори и канцеларија за иселениците, во којашто во моментов се прави и регистерот на иселеници, кој ќе ја утврди точната бројка, во кои држави се иселени, но ќе имаат задача да им се презентираат и  можностите за отварање на бизнис во нивниот град.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ