
Неисправните оџаци им отвораат работа на битолските пожарникари
Неисчистените оџаци на куќите и зградите се најчеста причина за пожари во зимскиот период. Противпожарната единица од Битола, само во текот на јануари имала 51 интервеција, од кои 38 биле пожари од запалени оџаци. Во пет слуачаи целосно изгорела покривната конструкција и предизвикана е огромна материјална штета.
Првата причина зошто може да дојде до пожар е наталожување на саѓи или јаглен моноксид во црвста состојба. Тоа наталожување настанува од неисправните грејни тела и влажните дрва, вели Костадин Поповски, командир на ТППЕ.
Ваквите пожари поради можноста да се прошират се опасност за повеќе луѓе, а и тешки се за гаснење. Соседите на една од опожарените куќи раскажуваат дека стравувале огнот да не се префрли и на останатите објекти.
Ми се јавија соседи од другата улица, ми велат гори куќата. Тие мислеа дека е мојата. Излеговме со сопругата и видовме кај соседите, покривот беше во пламен. Пожарникарите се бореа два часа, рече граѓанин.
Неисчистените оџаци покрај тоа што се опасност за предизвикување пожари, исто така се загадувачи на воздухот. Но, за поголема безбедност и контрола во оваа сфера, потребно е оџачарството да заживее како комунална дејност, што е пракса во земјите од нашето опкружување, вели Поповски.
Ако сакаме да живееме во безбедна средина, да немаме пожари, ако сакаме да живееме во чиста животна средна, крајно време оваа систуација да се подигне на поорганизран и поефикасен начин, вели Поповски.
Според законската регулатива, граѓаните треба да ги чистат оџаците двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога таа завршува. Во програмата за животна средина, локалната самоуправа, најавува дека годинава ќе ги субвенционира домаќинствта за редовно чистење на оџаците, а ќе има и зголемена инспекциска контрола.
Емилија Мисирлиевска