
Огнените стихии во Овчеполието- 12 семејства биле во опасност од пожар
Опожарени ридови, пасишта, ниви, лозја, фарми и овоштарници ова е епилогот од огнените стихии коишто деновиве го зафатија овчеполскиот регион. Пироманите во овој случај се несовесни земјоделци и сточари, кои неконтролирано ги палат стрништата и пасиштата. 12 семејства кои живеат спроти гробиштата и во непосредна близина на автопатот Свети Николе – Миладиновце одвај глава спасиле, загрозен бил и добитокот. Во опасност била и филтер станица од којашто Свети Николе се снабдува со вода за пиење. Стево Лазов заедно со пожарникарите ја спасувал куќарката и шталата со добитокот.
Четиринаесетте пожарникари кои ги покриваат општините Свети Николе и Лозово во изминатите пет дена интервенирале на рекордни 35 пожари на отворено, а огненените стихии зафатиле 50 хектари.
Со старата опрема и пожарникарски возила во текот на вчерашниот ден морале да изгаснат четири пожари. Општината ги санира сите дефекти на амортизираните возила стари и по неколку децении, но трошоците се многу високи за нивно одржување.
Овчеполскиот ветар дополнително им прави проблеми на пожарникарите, со што огнот многу брзо се шири, а оние коишто ги палат стрништата и ливадите неможат да ги контролираат. Земјоделскиот инспектор и полицијата досега имаат фатено четворијца пиромани, за кои веќе се поднесени кривични пријави, но поголемиот дел од нив остануваат неказнети.
Викторија Јованова