Политичарите го закрвија речникот

Инцидентот во Шутка го заостри речникот на политичарите. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги искористија бројните шпекулации и разменија остри меѓусебни обвинувања и етикетирања.

„Крвави раце, линч, криминалци, насилничко сценарио, лажни вести, тужби“. Со вакви зборови политичарите се вклучија во јавното расправање за инцидентот во Шутка. Го искористија за серија вербални напади и навреди на релација  Плоштад „ВМРО“ – „Бихаќка“.

Ова е земја каде владее хунта со политички прогон, затвори и физичко насилство, само за да се спречи опозициското мислење, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Насилнички сценарија, создавање тензии и пласирање лаги се единствените политики на антинародниот Мицкоски и неговиот шеф Груевски, возврати СДСМ.

Партиските лидери застанаа на чело на оваа вербална „војна“. Уште при првото повикување во суд на Јанакиевски и Ристовски, како и на Вељаноски, Мицкоски му порача на Заев дека ќе го порази дури и ако апси или нарачува убиства. Премиерот ја нарече ваквата изјава „забегана“.

Мицкоски побара оставки и формирање Влада за спас на Македонија. Обвини за насилство и криминал.

Неговиот синоќешен обид за упад во болницата без било какво одобрение беше доживеан како политички театар и во Независната група на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичката реторика вообичаено се вжетува во предизборен период. До претседателските избори има уште цели два месеци.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ