Општина Чешиново-Облешево ја доби техничката документација за бањскиот комплекс во селото Бања

Завршена е техничката докуементација со физибилити студија за рехабилитација и ставање во функција на бањскиот комплекс во селото Бања, во општина Чешиново-Облешево.

Изработката на документацијата беше финансирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамки на Програмата за развој на туризмот во Македонија.

Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев и постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакјан потпишаа договор за предавање на студијата, а на настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Со добивањето на техничката документација конечно ќе можеме да започнеме постапка за изнаоѓање инвеститор кој ќе ја реализира изградбата на бањскиот центар, за кој е предвидено да располага со сместувачки капацитет од хотелски тип за стотина гости, мал и голем базен со геотермална вода, простории за физиотерапија, ресторан и други придружни содржини. Вкупната проценета вредност на инвестицијата изнесува 4,8 милиони евра, а со оглед што веќе постои интерес за нејзина реализација, наскоро ќе објавиме јавен повик на кој ќе можат да се пријавуваат домашни и странски инвеститори, истакна градоначалникот Крстев.

Во локалната самоуправа на Чешиново-Облешево велат дека ќе го искористат законскиот лимит и на идниот инвеститор ќе му го дадат максималниот концесионерски период од 35 години, со можност тој да се продолжи за уште толку.

Бањата во селото Бања е единствената од осумте бањски комплекси во државата што не се користи со децении и е во фаза на распаѓање. Во непосредна близина е геотермален извор со лековита вода чија температура е околу 80 степени Целзиусови.

Актуелната локална власт, која за само шест месеци од преземањето на функцијата на Општината ѝ ја врати сопственоста над бањата, очекува новиот бањски комплекс да стане носител на туристичкиот и економскиот развој во регионот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ