Имунитетот на Вељановски заглави на техничка грешка

Цел ден барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на екс претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, патува на релација Кривичен суд – Парламент.Откако беше испратено со техничка грешка, односно со погрешно напишан став од член на законот, собраниските служби се подготвуваа да го вратат назад. Од моментот на неговото корегирање и повторно доставување зависи и закажувањето на седницата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања.

Во меѓувреме, ВМРО ДПМНЕ остро го осудија приведувањето на Вељановски, Јанакиески и Ристовски, за што велат дека е политичка пресметка во пресрет на претседателските избори. Обвинија за беззаконие, деспотизам и кршење на процедурите.  Го замрзнаа своето учество во процесот Жан Моне и најавија дека нема да ги поддржуваат реформските закони, се` додека Државниот јавен обвинител не се бира на предлог на опозицијата.

Од СДСМ побараа ВМРО ДПМНЕ да ги стави државните интереси над партиските и да ги гласаат системските закони кои се важни за членството во ЕУ. Велат дека и тие се за избор на Државен Јавен обвинител на предлог на опозицијата, но не сега.

Во рок од неколку месеци, ова ќе биде осмо одземање на пратенички имунитет на опозициски пратеник. Извори од Собранието тврдат дека телефонот на Вељановски, кој сега се користи во доказната постапка му бил одземен уште во мај 2017-та година.Бил вештачен месец и половина, по што му е вратен. По тоа, не само што не е покренато обвинение против него, туку му е доделено и службено возило, како на претседател на Комисијата што врши надзор над УБК.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ