
Камиони со македонско брашно заглавени на косовска граница, мелничарите бројат штети
Десетици илјади евра штети бројат македонските извозници на брашно, откако косовските царински власти веќе еден месец ги држат на граница камионите, со образложение дека се прават проверки дали брашното е навситина македонско, или српско кое наводно преку земјава бара заобиколни патишта за да стигне на косовскиот пазар. Ова од причина што Косово воведе царини од 100 отсто и други давачки за српското брашно, па тамошните власти се сомневаат дека преку земјава се врши реекспорт од Србија. Проблемот трае веќе еден месец, еден камион е заглавен 15, и уште неколку по 6 до 7 дена, а 2 камиони се вратени под изговор дека брашното не било квалитетно Мелничарите велат, загубите досега се најмалку 40 илјади евра.
За стоење на самиот камион за 8 дена штетата е по илјада евра, секој ден на царински терминал се плаќа по 40 евра плус други трошоци, тоа ја зголемува вредноста на нашето брашно и тоа станува неконкурентно за косовскиот пазар, плус и самите извозници од Косово веќе се откажуваат од македонското брашно бидејќи не можат да го издржат тој товар, вели Горан Малишиќ, претсдател на Мелничко пекарска групација, Стопанска комора на Македонија.
Косовските власти нека си ги вршат сите проверки, имаат право на тоа, велат нашите сопственици на млинови, но се против држење на камионите на царинските терминали. Тврдат дека брашното што се извезува на Косово е сомлено исклучително во земјава, иако покрај македонската пченица има и од увоз, но испочитувани се сите прописи.
Ни еден млин што извезува за Косовоне не врши реекспорт за Косово, законите тоа не го дозволуваат, и ако тоа некој го направи, може да одговара и кривично и парично, вели Малишиќ.
Косовските власти се посомневале откако од октомври лани се зголемил извозот на брашно од земјава, тој е од илјада до илјада и петстотини тони месечно, токму заради зголемените давачки за српското брашно.
Лани од земјава во Косово се извезени 2.417 тони брашно во вредност од 672.071 евра. Речиси целата количина била извезена во последните два месеци од годината.
А во овој контекст, српскиот министер Љајиќ денеска изјави дека на цело Косово има српски производи, кои таму доспеваат преку алтернативни патишта.
Дел од производите оди така, што на пример се продава на бизнисмен во Македонија, а потоа тој ги реекспортира и продава во Косово, изјави Љајиќ за РТС.
Нашите мелничари за проблемот ја информирале и Владата, веќе две недели чекаат разврска.
Јас веќе имав состанок со производителите на брашно за проблемот настанат од косовска страна и веќе веднаш стапив во контакт со мојот косовски колега и тој ме убеди дека за најкратко време ќе се бара решение за проблемот“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Во земјава има околу 20 млинови, од кои десетина се поголеми.
Нина Нинеска-Фиданоска