
Трамп: Договорот од Преспа најисториско достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор
Американскиот претседател Доналд Трамп на премиерот Заев му ја честиташе ратификацијата и имплементацијата на Договорот од Преспа. Во писмото до македонскиот премиер Трамп решавањето на спорот за името го оцени како најисториско достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор.
Вашата земја сега ќе го заземе местото кое ѝ припаѓа во Северноатлантската алијанса како Република Северна Македонија. Се надевам дека Договорот од Преспа ќе послужи како инспирација за другите држави во регионот. Тој ја потенцира суштинската вистина дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочна корист наспроти краткорочни ризици, лидерите може да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на пат кон посветла иднина, се вели во писмото од американскиот претседател.
Трамп ја пофали посветеноста на двајцата премиери да го доведат овој процес до крај, од преговорите преку ратификацијата па сè до неговата целосна имплементација. Северна Македонија е голем партнер на Соединетите Американски Држави, вели Трамп во писмото и додава дека се радуваат на фактот што ќе можат да го пречекаат земјата како 30-иот сојузник во Северноатлантската алијанса и со која ќе ја продолжат напорите за мирен и просперитетен Западен Балкан.