Јовески не му одговара на Врховен за куќниот притвор на Камчев, барањето го препрати кај Јанева

Државниот обвинител Јовески не му одговори на претседателот на Врховен Вангеловски за куќниот притвор на Камчев, Панделевски и Јосифовиќ, туку барањата за мислење ги препратил кај специјалната обвинителка Јанева.

Од републичкото обвинителство сметаат дека СЈО е надлежно да ги застапува своите предмети пред сите судови и да му дава мислење на Врховен а редовното не може да постапува без писмена согласност на СЈО.

Согласно Законот за  СЈО, јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот суд ​. Воедно, Јавниот обвинител на Р.М или друг јавен обвинител не може да презема истраги предмети кои спаѓаат во надлежност на СЈО,​ без претходна писмена согласност, велат од ЈОРМ.

Врховен повикувајки се на сопственото начелно правно мислење дека СЈО повеќе не може да води истраги, во понеделникот побара мислење од републичкото обвинителство а не од специјалното кое го води предметот „Империја“.

Денеска од највисокиот суд не сакаат да коментираат дали ќе го прифатат мислењето од СЈО. Велат коментарот ќе го дадат во одлуката по жалбата на Камчев, Панделевски и Јосифовиќ за што ке одлучуваат петмина судии од кривичниот оддел, меѓу кои е и претседателот на судот Вангеловски откако предметот ќе им биде вратен.

Од СЈО само потврдија дека од републичкото добиле списи од предмети на Врховен суд кои се однесуваат на жалби на куќен притвор. Во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе информации, стои во одговорот на СЈО на прашањата на Телма за истрагата „Империја“.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ