
Во Ласкарци немаат ниту вода за пиење, но станаа познати откако помогнаа при автобуската несреќа
Во Ласкарци живеат без вода за пиење. Не можат ни да се искапат. Самите вложуваат во инфраструктурата, ги асфалтираат патиштата за децата да можат безбедно да стигнат на училиште.
„Не е само моето село туку и другите. Зошто некој да јаде бифтек, а друг да нема ниту леб да јаде?! Ние сме тука во селото. Се’ правиме со наша мака. Ние знаеме како се живее тука во селото. Замисли да немаш вода за пиење?! Да купуваш вода за пиење! Ние имаме бунари, но таа вода не се пие“ кажа Самет Мисими, жител на село Ласкарци и претседател на месната заедница.
Ласкарци стана познато во последните денови. Автобуската несреќа го сврте вниманието кон ова место кое се наоѓа покрај автопатот Скопје-Тетово. Брои околу 3000 жители, во околу 300 куќи. Полоши услови за живеење има во горниот дел од селото. Таму жителите немаат бунари во дворовите, а вода полнат од трите чешми на сред село.
„Жителите од Долно Ласкарци коишто успеале да направат хидрофор и да имаат вода за пиење и за бањање живеат во подобри услови од оние во Горно Ласкарци. Останатите се принудени да полнат вода во шишиња и во кофи.“
Во Долно Ласкарци во секој двор има бунар и хидрофор и така луѓето се снабдуваат со вода за капење. Жедта ја гасат со вода од продавница, што ни се пожалија дека е дополнителен трошок за нив.
„Во долниот дел од селото секаде има бунари. Тие не’ чинеа од 2500 до 3000 евра со хидрофор да бидат комплетирани“ кажа Самет Мисими, жител на село Ласкарци и претседател на месната заедница.
Самет Мисими четири години е претседател на месната заедница во Ласкарци, а има и своја градежна фирма. Тој им ветил на своите сограѓани дека ќе помогне и ќе ги натера надлежните да направат пристојни услови за живот во селото. За сега, вложува свои пари за да ги асфалтира улиците, да го реновира училиштето и други потреби во селото. Но, и тој чека некој да реагира. Се уште го памти ветувањето на градоначалникот Шилегов од предизборната кампања, дека скопските села ќе добијат соодветна инфраструктура.
Од село Ласкарци порачаа – не треба да се случи трагедија, за надлежните да се сетат и на нив.
Петар Догов