Новото име, а старите документи ги оставија граѓаните пред врата на Грција

Официјалното ново име на државата, а старото во личните документи ги остави пред вратите на Канцеларијата за врски на Република Грција македонските граѓани, но и странци чии документи издадени од државава, немаат печат Република Северна Македонија.

Овие граѓани деновиве се најдоа во меѓупросторот на промената на името на земјата во личните документи, но и други документи кои ги издава државата, а кои им се потребни да регулираат свој статус во Грција. Во Канцеларијата на врски на Грција во земјава пак бараат на фотокопиите од документите кои им се доставуваат да стои печат со новото име. Па така за странците кои живеат во земјава и поседуваат лична карта за странци, за да извадат виза за влез во Грција мора да приложат фотокопија од личната карта со втиснат печат „Република Северна Македонија“.

Засега печат има само за пасошите и тој се добива на граничните премини, додека службите кои издаваат лични карти за странци, изводи од матични книги и други документи се уште немаат печат со новото име на државата.

Посочената ситуација е констатирана. Во текот на денот пo состанокот на интересорската група за спроведување на Договорот од Преспа, МНР и МВР стапија во контакт со надлежните служби во Грција за изнаоѓање во најкус можен рок на решение на настанатата ситуација, се наведува во одговорот од Владата до Телма.

Од владата се надеваат дека прашање ќе биде надминато најбрзо што е можно, дури и до утре. Сите опции за решение се отворени меѓу кои и ставање на печат со новото име на државата на документите кои граѓаните ги поднесуваат до Канцеларијата за врски на Грција во земјава. Од владата информираат дека штом ќе се постигне договор како да се надмине проблемот, јавноста веднаш ќе биде известена за тоа.

Инаку лични карти, како и пасоши, со новото име Република Северна Македонија, ќе почнат да се издаваат кон крајот на годината, а слична е ситуацијата и со документите кои се издаваат од службите во МВР како изводите од матичните книги, книгите на венчани.

По стапување на сила на Договорот од Преспа во Службен весник објавени се само дополнувањата на правилниците за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на земјава и за дипломатските патни исправи, со кои се  предвидува аплицирање на печат со новото име на државата во пасошите.

Тамара Грначроска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ