Прибе: Патот до ЕУ многу потежок од членството во НАТО по Преспанскиот договор

Прибе во Скопје уште еднаш повтори дека владеењето на правото и функционирањето на институциите треба да е приоритет на сите политички партии и власта. Германскиот експерт Рајнхард Прибе, познат по неговиот извештај од 2015-та кој прерасна во таканаречените итни реформски приоритети денеска од Универзитетот ФОН ја доби титулата Хонорис кауса.

Прибе оцени дека реформите се движат и дека тие се многу важни и клучни за преговорите за членство во Европската Унија. Истовремено Прибе го пофали и договорот од Преспа во својот говор пред студентите откако како славеник ги одбегна новинарските прашања.

-Да бидам искрен, кога двајцата премиери го потпишаа преспанскиот договор минатиот јуни сите ние бевме скептични како ќе функционира и дали процесот на ратификација ќе оди мазно. Но сега е готово отако и грчкиот парламент го ратификуваше договорот со што беше поминат последниот чекор да профункционира договорот за Северна Македонија. Вестите од Балканот многу ретко се меѓу топ вестите во земјите на Европската Унија, но за договорот не беше така. Противењето на договорот се уште е силно. Но се надевам дека сите тие што го оспоруваат и му се противат на договорот на крај ќе го прифатат како добар договор и за двете држави. Преспанскиот договор веднаш ги отвори вратите за Северна Македонија во Нато. Се плашам дека патот до членство во Европската Унија ќе биде и подолг и многу потежок. Владата и претпоставувам поголем дел од граѓаните имаат голема надеж дека уште оваа година ќе бидат отворени преговорите за членство во ЕУ. Таа одлука ќе биде разгледувана ова лето и сметам дека владата е подготвена да превземе се што е потребно да ги отстрани познатите пречки дотогаш, рече германскиот експерт Рајхард Прибе во своето обраќање.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ