Неизвесна локацијата на новиот Клинички центар

Новиот Клинички центар ќе се гради или на сегашната локација или во Бардовци. Владата се уште не донела одлука. И двете опции имаат предности и мани, како што објасни премиерот Заев одговарајќи на пратеничкото прашање од Павле Богоевски. Доколку се реализира договорот склучен од претходната Влада со изведувачот – италијанската фирма ИНСО системи, тоа ќе чини 85 милиони евра. Поради дополнителни проверки и дилемата дали со градењето нема да се зголеми целата гужва и сообраќајниот хаос, се уште не е избран надзорен орган.

Проблемот на паркирањето би се решил со две катни гаражи: едната на Водњанска, другата кај МВР, за вкупно 3 илјади 300 паркинг места наместо сегашните 330. Заев смета дека втората гаража треба да се изгради без оглед дали Клинички останува тука. Изградбата на Клинички на другата локација ќе чини 450 до 500 милиони евра. Доколку Владата се откаже од првата локација, ќе треба да „плаќа пенали“.

На редовната седница за пратенички прашања, пратениците се интересираа главно за локални теми. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше, а на моменти, во салата имаше повеќе министри отколку заинтересирани пратеници.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ