
Повеќе од половина од институциите уште преговараат во четири очи
Јавните набавки преку кои државата годишно троши по околу 700 милиони евра и натаму се далеку од транспарентни и отчетни.
Повеќе од половина од институциите ја користеле постапката со преговарање без објавување оглас, познато како постапки во четири очи. Ваквите договори учествуваат со 7 отсто во вкупната вредност, покажува Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
24 отсто од институциите имаат склучено анекс-договори, кои исто така се склучуваат со примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас, се вели во истражувањето.
На дури една третина од сите тендери во земјава се јавил по само еден понудувач. Тоа е влошување во однос на една година претходно, кога такви биле 27 отсто од набавките.
Проблемот со добивање само една понуда е поради тоа што во овој случај не се одржува електронската аукција за намалување на првобитно понудените цени. Имајќи предвид дека фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на аукцијата и намалувањето на цените, во ситуација кога има еден понудувач, тие повисоки цени најчесто остануваат и како крајни, се вели во Истражувањето.
Речиси една третина од тендерските документации, или 29 отсто, имале дискриминаторски елементи – критериуми што многу од фирмите не можат да ги исполнат. Тоа ја ограничува конкуренцијата, од што директно во загуба е државната каса. Всушност, за минумум конкуренција се смета минимум три фирми, а нашиот просек едвај го надминува тоа ниво.
Секој четврти тендер на анализираните институции бил поништен, а најмногу поништени тендери, дури 77 отсто, има кај Министерството за здравство.
Истражувањето, кое опфатило 21 државна институција, кои во 2017 склучиле над 1.300 договори, тешки 72 милиони евра.
Ниту едно од министерствата, владините секретеријати или Собранието, според транспарентноста не е рангирано во високото ниво на транспарентност.
Најслабо рангирани се Министерствата за образование и за внатрешни работи, кои исполниле само 37 отсто од критериумите. Најтранспарентни, пак, се Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и Секретаријатот за европски прашања, со задоволени критериуми од 71 процент.
Најнетранспарентните министерства се и најголеми трошачи на државните пари за јавни набавки, дури 39 отсто, и обратно, највисоко рангираните, трошат најмалку средста. Токму Образование, како најслабо рангирани, имаат најголем обем на јавни нававки. Ова министерство има и најмногу тендери на кои се јавил само еден понудувач, дури три четвртини од распишаните.
Само две институции ги објавуваат на своите веб-страници огласите за јавни набавки, известувањата за склучените договори, како и самите договори и нивните анекси, а никој не објавил известување за реализиран договор.
Две третини од институциите немаат воспоставено интерен систем за следење на реализацијата на склучените договори за јавни набавки. Просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи е 4,6 отсто, што е намалување од претходната година. Две третини од институциите одговориле на барањата за слободен пристап до информациите во максималниот законски рок од 30 дена.
Всушност, просечното ниво на исполнети критериуми за транспарентност и отчетност кај министерствата, владините секретаријати и Собранието е 53,6 отсто, што е само мало подобрување од една година претходно.
Нина Нинеска-Фиданоска