
Тешка ноќ за повредените од несреќата
Вели дека сега е добар, но ноќта била тешка и долга за 49 годишниот Љуљзим Далипи, вработен во Фондот за Пензиско, кој на кобниот 13 февруари од работа патувал до својот дом во Гостивар. Токму кога се случила несреќата се обидел да се одмори, но тоа се претворило во стравични слики кои потоа следувале, лелеци и вриштење од повредените. Овој човек работи во Фондот од 2004 година, главно патувал со автомобил, но токму вчера, како и во неколку претходни наврати од работа решил да се врати со автобус, со кој генерално патувале исти граѓани.
Колку што паметам, после бензинската 7 браќа автобусот сврте на лева страна, тука бев свесен, удри во банкините, се тумбаше и после не паметам веќе. Луѓе со приватна кола ме однесоа во болница, вели Далипи.
Потоа се сеќава дека со приватно возило сограѓани го однеле во болница. За цело време додека патувал на задното седиште на автомобилот бил во свесна состојба, така беше и претпладнево кога болницата ја посетија новинарски екипи.
Добар сум, свесен сум, болки во кичма и скршени ребра, вели Далипи.
Далипи се смета за еден од полесно повредените. Двајца со скршен рбет и еден со повреди на вратните пршлени се борат за живот во Градската општа болница 8 септември. Чекаат врз нив да биде извршен оперативен зафат.
Меѓу повредените кои се на интензивна нега во болницата е и една 22 годишна девојка, кај која ноќва дошло до крварење, па лекарите морале преку операивен зафат да и ја отстранат слезинката, по што се очекува дека ќе се подобри нејзината состојба.
Што да ви кажам кога и самиот не знам како ќе заврши денот, мојот 36 годишен брат со тешки повреди на белите дробови е приклучен на апарати за дишење, се надеваме ќе успее да се избори со повредите. Ова, не сакајќи да зборува во камера, ни го кажа еден од роднините на повредените во тешката сообраќајна несреќа, тој беше меѓу многумината од семејствата кои утрово беа во Градската општа болница 8 септември за да дознаат нешто повеќе за своите најблиски.
Премиерот Заев кој заедно со министерот за здравство Филипче дојде да ги посети повредените, вели дека покрај медицинските екипи, пожарникари и полицајци, за справување со последиците голема заслуга имаат и младите жители од селото Ласкарци кои несебично помагале, што вераојатно било пресудно да се спасат многу човечки животи. Министерот Филипче тврди дека нимало никаков пропуст и непрофесионалност кај брзата помош, нивните возила веднаш штом дознале за несреќата, заедно со оние на приватните клиники, веднаш пристигнале на местото на несреќата.
Нина Нинеска-Фиданоска