Лекарите најмалку еден месец нема да ги прегледуваат децата со закажани прегледи, а ќе ги примаат само итните случаи

Луѓето кои имаат закажано контрола на лекар на Детска клиника и во Козле, ќе мораат да почекаат најмалку еден месец за да тропнат на вратите на ординациите. Здравствените власти тоа го одлучиле на Комисијата за заразни болести. Оставаат простор да разговараат дали треба да ги откажат термините и во другите здравствени установи. Ова уследи по епидемијата од мали сипаници која зема замав, а ги однесе и првите три жртви.

Имавме состанок на Комисијата за заразни болести и таму експерти од повеќе области ја дадоа оваа препорака. Со оглед на тоа што се тоа најкритичните места кадешто се носат на преглед децата – одлучивме тоа да биде спроведено во овие две институции. Секако дека многу динамично, секој час добиваме нови информации од сите институции во врска со нови пациенти и нови заболени така што ќе одлучуваме се што треба и дополнително како мерка да воведеме со цел да се ограничи оваа епидемија, рече министерот Филипче.

Здравствените власти и докторите се сретнаа на Националниот форум за здравство. Присутни беа и претставници на Светската здравствена организација. Во време на епидемија, не изостанаа прашањата за морбилите. Од Министерството за здравство одлучија за да го зголемат опфатот на имунизација да дозволат и шестмесечни бебиња да примат доза од вакцината МРП. Од Светската здравствена организација не одговорија дали таквиот чекор е оправдан, но кажаа дека здравствената заштита во Македонија е на прав пат.

Ние секако работиме со раководството во тој здравствениот сектор, се изготвуваат вистинските протоколи и можам да кажам дека тоа што се случува во државата е вистинска работа, односно, вие сте на вистинскиот пат, вели Ханс Клуге од Светската здравствена организација.

Министерот за здравство е оптимист дека може во скоро време уште повеќе да се засили имунитетот на населението против смртоносните сипаници. Не смее да се дозволи во иднина деца да не се примаат во градинка заради заразни болести – порача Филипче.

Овие мерки коишто ги донесовме сега дадоа задоволувачки резултати. Над 6000 деца се веќе вакцинирани и искрено се надевам дека истата динамика ќе продолжи и понатаму така што во следниот период ќе имаме што поголем број на вакцинирани деца и ќе потенцирам дека тоа е една од можностите да оваа епидемија заврши што побрзо, рече Филипче.

Моментално три деца се во критична состојба поради компликации од морбили. Едното од нив има тешко воспалување на белите дробови, а има и претходна дијагноза – церебрална парализа. Досега од морбили починаа три дена, сите невакцинирани и со тешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. За сега повеќе од 6000 лица се имунизирани во здравствените домови, а од мали сипаници заболеа повеќе од 200 пациенти.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ