
Семејството на пратеничката Мира Стојчевска се групира во ЕЛЕМ
Пратеничката Мира Стојчевска ја немаше во Собранието, ниту во нејзиниот кабинет, ниту на комисијата за одбрана каде е заменик член, ниту на церемонијата пред влада. Не се јавуваше ниту на повиците на телефон, за да прашаме што мисли за вработувањето на сопствениот син во ЕЛЕМ. Но додека ја баравме стигна потврда дека не само нејзиниот син, туку и братот на пратеничката од вчера почнал да работи како кранист во РЕК Битола.
- Лицето Целе Велевски кое дел од медиумите го доведуваат во врска со Мира Стојчевска, пратеник во Собранието на Република Македонија работи во РЕК Битола од 11.02.2019 година, преку Агенција за привремени вработувања, одговорија од РЕК Битола.
Во ЕЛЕМ пак стојат зад сите вработувања, сметаат дека вработувањата се извршени преку конкурс и дека примените меѓу кои и синот на Стојчева, како и претходно ќерката на Талат Џафери и сестрата на министерот Асаф Адеми имале потребни квалификации.
Заеднички за тројцата во ЕЛЕМ е што биле примени на конкурс на кој се пријавиле тројца кандидати. Виктор Стојчевски е вработен како Инженер за примена на нови технологии и има плата од 35.864 денари. Денар помала плата има ќерката на спикерот Џафери, Бесиана која референт за меѓународни тендерски постапки. Сестрата на министерот за култура Хидајете Алили како референт во правната служба во ХЕС Маврово-Гостивар и добива над 33 илајди денари државна плата.
Во новата антикорупциска комисија подготвуваат постапки за сите функционерски деца кои во паузата додека ДКСК не постоеше биле примени на државна плата. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за Телма потврди дека од сите државни институции за кои имало јавни објави или информации ќе ги побараат конкурсните документи за да видат дали децата на пратениците и функционерите навистина имале подобри квалитети за вработување од останатите. Досега државните институции и претпријатија тврдеа дека потомците на функционерите биле најквалитетни на огласите, а вчера министерот Дамјан Манчевски тврдеше дека членовите на СДСМ биле дискриминирани со години и немале пристап до работа на државно.
Миомир Серафиновиќ