Македонија се подготвува за промената на името – тргнати буквите од зградата на владата

Од зградата на владата рано утрово беа отстранети буквите „Влада на Република Македонија“ во очекување на нотата од Грција со која таа ќе ја информира земјава дека ги исполнила своите обврски за да може Договорот од Преспа да стапи на сила. По владата ќе се менуваат и таблите на Собранието, министерствата, граничните премини, амбасадите. Сопред информациите на Телма веќе се изработени таблите со новото име, а граничниот премин Богородица кон Гриција прво би ја добило таблата со името Република Северна Македонија. Изработени се и нови интернет-страници на владата и министерствата со новото име.

До почетокот на вестите се уште немаше информација дали нотата е стигната до македонското МНР, а по која во Службен весник ќе биде објавен датумот на стапување на сила уставните измени и уставниот закон за промена на уставнотот име, поточно од кога и официјално Република Македонија ќе почне да се именува како Република Северна Македонија.

Од тоа кога ќе пристигне нотата до македонското МНР зависи и кога ќе биде испратено заедничкото писмо на Македонија и Грција до Генералниот секретар на ОН дека спорот со името е надминат и од кога спогодба за името стапува на сила и со тоа прашањето за името се затвора. Македонија потоа со писмо ќе го информира Секретаријатото на ОН, земјите-членки, како и сите меѓународни организации за новото уставно име.

Меѓуресорското владино тело веќе изработила Национален акциски план за спроведување на идните мерки и активности од Договоро од Преспа кој треба да биде усвоен на утрешната владина седница.

Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.

Дел од обврската на Македонија за имплементација на Договоро од Преспа е и менување на во рок од пет години од неговото стапувањето на сила на личните документи на граѓаните.

Тамара Грначароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ