
Досега најмалку граѓани на третиот протест – граѓаните бараат чист воздух
Сонцето и моментално ниската загаденост веројатно беа причина денешниот трет протест за чуст воздух пред Собранието да собере најмал број граѓани. Преку двочасовна блокада на сообрачајот демонстрантите побараа од надлежните во рок од една година да ги решат регионалните депонии, да се справат со големите загадувачи, а власта да си ја врши работата и да излезе со конкретни мерки против аерозагадувањето. Активистите обвинија дека и оваа влада, како и претходните, формира блиски еколошки здруженија, со кои постојано дебатира, но без конкретни ефекти.
Од власта се бара да се покажат анализите на инспекторите на мазутот, од кој тврдат дека како граѓани сите се гушиме.
„Дрисла-Чернобил”, „Ставете налепници на тешката индустрија”, „Уште колку можеме да издржиме?” „Да запре труењето на децата”, се дел од пораките испишани на транспарентите.
Граѓаните кои дојдоа на протестот велат дека чувствуваат сериозни здравствени проблеми, некои размислуваат дури и да ја тужат државата како единствен начин да си ги остварат своите права.
Демонстрантите ги лоцираат индустријата и енергетиката како главни загадувачи, особено прстот се вперува кон РЕК Битола.
Да не дозволиме Скопје пак да биде најзагаден град во светот, е порака од протестот.
Активистите ги повикаа и граѓаните да се мобилизираат и да се стави крај на овој сериозен проблем со загадувањето.
Нина Нинеска-Фиданоска