Претседателските избори на 21 април

Шестите претседателски избори ќе се одржат на 21 април. Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша решението за распишување на изборите и изрази надеж дека со фер изборен процес, државата  ќе го положи и овој испит на зрелоста.

Само два часа, подоцна, ДИК го донесе Календарот на изборните дејствија. Веднаш ќе побара од МВР податоци за гласачите, а Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид од 23 февруари до 14 март. Листите со претседателските кандидати треба да бидат доставени до ДИК до 21 март, а ќе бидат конечни 5 дена подоцна.

Новиот претседател може да биде избран уште во првиот круг, доколку за него гласаат мнозинството од запишаните избирачи, односно, над 900 илјади. Ако не, на 5 мај ќе се организира втор круг со првите двајца кандидати. За успешен избор е потребна излезност од 40 одсто. Ако ја нема, се организираат нови избори, а до тогаш претседателската функција ќе ја извршува спикерот Талат Џафери.  На 21 април ќе се одржат и локални избори за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ