
Баџанакот на Џафери, Нури Бајрами избран за член на ДКСК
Баџанакот на собрансикиот спикер Талат Џафери, Нури Бајрами е еден од шесте членови на новоизбраната Антикорупциска комисија. Тој не гледа ништо спорно во тоа ниту пак судир на интереси. Призна дека неговата сопруга и сопругата на Џефери биле сестри а тој со претседателот на Собранието биле само сватови. Бајрами доаѓа од Гостивар. Работел како правник во општината.
Бајрами заедно со останатите членови даде свечена изјава по изборот во Собранието дека ќе работат совесно и одговорно и ќе ги почитуваат законите. За претседател на Антикорупциска избрана е Билјана Ивановска, државен ревизор. Дел од новиот состав станаа и Владимир Георгиев, Софка Пејовска, Катица Николовска, Горан Трпеноски и Салаи Шемши. Ивановска вети дека ќе се справи со какви било евентуални притисоци кои би можеле да се вршат од одредени центри на моќ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано за Антикорупциска со образложение дека се сомневаат во начинот на бодирањето на кандидатите, додека СДСМ упати апел Комисијата да работи законски.
Прв тест на Антикорупциска ќе бидат претседателските избори каде ќе треба да го контролираат финасирањето на политичките партии и изборните кампањи.
Јулијана Пешевска