
Заев: Јас сум идеален консензуален кандидат, но се уште сум млад
Премиерот себеси се смета за идеален консензуален кандидат за претседател на државата, но вели дека е се` уште млад да се кандидира. Му се допаѓа идејата две дами да се борат за функцијата, но не се откажува од намерата, кандидатот да биде прифатлив и за ДУИ.
Покрај ДУИ, Заев ги повика и Алијанса за Албанците и двете крила на БЕСА, да се вклучат во играта и да се најде заедничко решение. Иако партијата распиша оглас за кандидати, вели дека деновиве интензивно се разговара со коалиционите партнери, но и со партии кои не се дел од коалицијата, како и со разни здруженија, се прават анкети и анализи, по што ќе се донесе конечната одлука за тоа кој би бил најсоодветен кандидат зад кој би застанале сите. Лично не е за предвремени избори иако му е примамлива идејата да добие плус четири години власт. Смета дека изборите не се во интерес на државата и дека, со двотретинското мнозинство што сега го имаат во Собранието, благодарение на независната пратеничка група што излезе од ВМРО-ДПМНЕ, е полесно да се спроведат реформите. Од опозициската партија, пак, обвинуваат дека мотивите се поинакви.
ВМРО-ДПМНЕ ја уверуваат власта дека и техничката влада ќе ги спроведе реформските процеси потребни за интеграција во ЕУ. Во таа партија имаат десет кандидати, а конечната одлука ќе се носи на 16-ти февруари. Две недели подоцна, на 3-ти март, конечно ќе се знае и кандидатот на СДСМ, како и дали тој ќе биде консензуален.
Далиборка Дамјанска Цветановска