
Го лекувале од пневмонија, а починало од морбили – шестмесечно бебе прва жртва
Бебе кое го носеле на лекување во Скопје ја изгуби битката со малите сипаници. Го однеле во болница да се лекува од пневмонија, а оттаму го испратиле на Инфективна поради зараза со мали сипаници. Шестмесечното бебе редовно било на релација Куманово-Скопје, а во болницата Козле било хоспитализирано од 1 до 5 февруари.
„За жал морам да ве информирам дека утрово почина едно шестмесечно бебе коешто имаше морбили. Имаше компликација на белите дробови. Тоа е детенце коешто е невакцинирано. Првин е лекувано во болницата во Козле, а потоа префрлено на Инфективната клиника, но за жал докторите не можеа да се справат со компликациите“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Во Козле се лекуваат деца со белодробни заболувања, а ако некое дете се потврди дека е заразено со морбили веднаш го испраќаат на Инфективна, објаснија од болницата и кажаа дека не може да се потврди со сигурност дали бебето се заразило кај нив.
„Институтот КОЗЛЕ е институција којашто згрижува патологија од белодробни заболувања односно воспаленија на горни и долни дишни патишта и сите пропратни компликации од истите. Болницата не е институција којашто згрижува и третира инфективна патологија поготово морбили. За тоа надлежна е Инфективната клиника којашто ги има сите неопходни мерки за згрижување пациенти со инфективна патологија“ соопштија од Институт за белодробни заболувања кај децата КОЗЛЕ.
За една недела 58 нови заболеле од морбили. Речиси сите се од Скопје или се заразиле во Скопје. Шестмесечното бебе е прв смртен случај од морбили, а уште две деца се во критична состојба потврди министерот. Тие се во болница, а лекарската нега ги одржува во вонживотна опасност. Засега нема потврдени случаи на болни од мали сипаници и грип во исто време.
„Двојно е зголемен бројот на лица кои се заразиле со морбили. 58 нови заболени лица се регистрирани во текот на календарската недела. 54 се од Скопје, 2 се од Тетово, а по едно лице имаме од Гостивар и од Гевгелија во вкупниот број на заболени. Никаде во литературата не пишува дека дете заболено од морбили не може да заболе и од вирус на грип заради тоа што грипот го имаме во семејствата. Секое второ, трето, четврто семејство има по некој заболен од грип во овој момент“ кажа Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Министерството за здравство ја прогласи епидемијата од мали сипаници пред два месеци. Од тогаш се изброија вкупно 159 пациенти – повеќе од половината деца на 1 до 4 години. Сите се невакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Според епидемилозите – додека трае епидемијата и бебињата под една година може да се вакцинираат бидејќи кај нив опасноста од компликација на клиничката слика е најголема.
Петар Догов