
Шилегов: Во краткото време како сум градоначалник, донесов повеќе мерки од тие пред мене
Вечерва во Ноќно студио разговаравме со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на темата аерозагадување и што планира локалната власт по прашањето.
„Презедов повеќе мерки против загадувањето во ова кратко време кое сум градоначалник од тие што беа пред мене“, кажа Шилегов.
Според него, исправањето на системските грешки бара време. „Сега работиме интервентно со противпожарната бригада, засадивме преку 600 дрва, но ни временските прилики не се најповолни за таквите акции“.
Шилегов смета дека ситуацијата е подобрена во градот за нијанса и најави дека во пролет ќе се интезивираат интервентните акции.
„Со години не се измиени улиците. Скопје е загадено, не го негирам тоа, но кога ќе ги погледнете стапките на загаденост во последните години, и оваа година, ќе видите дека состојбата е подобрена“.
Зголемиот инспекциски надзор, 34 парични казни се донесени од Град Скопје, преку 400 објекти се посетени, се причините за подобрувањето, смета Шилегов.
Во однос на Јавниот сообраќај Шилегов смета дека тој е рак рана на градот и дека му е јасно зошто граѓаните не сакаат да го користат.
„Во 2018 година се возиме по автобуски линии предвидени за капацитетот на градот во 1974 година“.
Кинеските автобуси за кои беа платени 60 милиони евра не биле функционални ниту според капацитетот на патници, уште помалку според еколошките стандарди, потенцираше Шилегов.
„Градот на работи на еколошко мапирање на возилата на територија на Скопје без разлика дали станува збор за јавни или приватни возила“.
Тој појасни дека градот Скопје работи на детална студија, заедно со експерти од ЕУ, за развивање на нов и еколошки концепт на јавниот сообраќај. Очекува до септември да биде изготвен.
Во врска со Дрисла кажа дека нема намера да молчи околу прашањата кои ги загрозуваат граѓаните. Појасни дека неговите коментари околу Дрисла биле повеќе адресирање на шпекулациите кои постојат кај граѓаните.
„Не сугерирам каква треба да биде одлуката на Вишиот управен суд по жалбата на Град Скопје околу изборот на концесионер на Дрисла, но апелирам таа одлука да се донесе што побргу во интерес на граѓаните“.