Се одложи судењето за мерцедесот од 600.000 евра

Започна „Тенк“ – судењето за мерцедесот од половина милион евра, четвртиот предмет против екс премиерот Никола Груевски. Тој задоцни речиси 10 минути.

Влезе откако снимателите направија инсерти во судницата поради што  судијката Добрила Кацарска го опомена дека обвинетите треба да доаѓаат на време.

Се појавија и другите двајца обвинети – екс министерката Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер за јавни набавки, Ѓоко Попоски. Токму Попоски беше причината што не почна судењето.

Вчера, пред закажаниот старт на овој предмет го променил адвокатот, па новиот бранител побара време да се подготви за судењето. Судијката закажа неколку термини во февруари, а адвокатот на Груевски побара од судиите да се координираат меѓу себе затоа што на неговите клиенти кои се обвинети во повеќе предмети им закажувале по 2 до 3 пати да се појавуваат во судот за различни процеси поради што бранителите се пожалија дека се наружува правото да подготват ефективна одбрана.

Пред камерите никој не даде изјава, ниту одбраната, ниту пак обвинителите од СЈО.

Прислушуваните разговори за тоа како се договарало купувањето и  фаворизирањето на скапиот автомобил ќе се слушаат во судница откако ќе започне судењето кое беше презакажано за во февруари.

Денеска се одложија уште два предмети на СЈО. „Труст“ каде првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан, затоа што судијката била на боледување.

„Топлик“ за Сончев град каде обвинет е екс министерот Јанакиевски, затоа што адвокатите бараа изземање на вештачењето. Се сомневаат дека е непристрасно направено затоа што вештакот во моментов е директор на Агенцијата за катастар на недвижности, неговата ќерка работи во СЈО и кога го правел вештачењето немал лиценца, обвинија од одбраната.

Обвинителите од СЈО рекоа дека ваквото барање е неосновано, а судијата ќе се изјасни на следното рочиште.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ