Над 300 македонски и грчки брендови го содржат зборот „Македонија“

Повеќе од 150 трговски марки во земјава во името го содржат зборот Македонија или неговата англиска верзија. Тие ќе бидат дел од преговори меѓу Македонија и Грција за идна употреба на терминот „Македонија“ во комерцијални цели, како и за трговските марки и заштитини знаци, предвидено со Договорот од Преспа. Во земјава од вкупно 14.556 трговски марки 79 го содржат зборот Македонија, 77 – „Macedonia“, додека кратенките МК или МАК ја имаат вкупно 128, а придавката „македонски“ 12.

Од октомври до вчера, како што информираат за Телма од Државниот завода за индустриска сопственост, биле поднесени и 10 нови барања за признавање на правото на трговска марка со терминот „Македонија“, за кратенки МК или МАК – шест. Три барања има за трговски знаци со името „Македонија“ и еден со „македонски“.

Што се однесува до извозот, од 344 меѓународно регистрирани трговски марки на македонски компании само пет го содржат името „Македонија“.

И од грчка страна состојбата е слична. Името „Македонија“ е дел од 182 бренда на грчки компании, додека 4.000 бизниси во Грција го употребуваат терминот „Македонија“ за да опишат еден или повеќе свои продукти.

По стапувањето на сила на Договорот од Преспа, треба да се формира меѓународна група на експерти, заедно со претставници од од двете земји, која во рок од три години треба да ја регулираат комерцијалната употребата на термините „Македонија“ и „македонски“.

Неофицијално, македонските компании до Заводот за заштита на индустриска сопственост веќе почнале да поставуваат прашања околу иднината на нивните трговските ознаки и како да постапат. Одговор засега нема бидејќи како што дознаваме, надлежните институции во секторот на трговијата и економијата се уште немаат добиено насоки, ниту за формирање на експертската група, ниту за давање на насоки на компаниите.

Нејаснотии околу целиот процес има и кај грчките компании. Според грчките медиуми економските експерти ја презеле улогата на советници давајќи им насоки на компаниите да ги обезбедат правата на своите логоа и имиња во согласност со постојните европски и меѓународни процедури. Стопанските комори во северна Грција веќе почнале да нудат и правни совети и помош за компаниите. Македонското законодавство не предвидува надлежност на Стопанските комори врз трговските марки и ознаки, па единствена институција надлежна за тоа е Државниот завод за индустриска сопственост.

Договорот од Преспа нема да влијае на производи со заштитени ознаки за потекло или географски показатели.

Во Македонија заштитени се вкупно 53 ознаки на потекло од кои само еден има географска ознака „македонски“, и тоа е ајварот. Македонскиот ајвар е и единствената трговска марка од земјава која има меѓународна регистрација на ознаки на потекло и географски ознаки со терминот „македонски“.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ