Формално-правни игри за да се одбегне амандманската расправа за Законот за употреба на јазиците

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави можност, за илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ воопшто и да не се расправа на пленарна седница. На денешниот брифинг со новинарите, рече дека, до крај ќе чека политичко решение на проблемот, односно, амандманите да бидат повлечени, но доколку тоа не се случи, постојат повеќе можности, а една од нив е, да се искористи оспорувањето на уставноста на законот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, така што амандманите нема да се разгледуваат со објаснување дека Собранието не е надлежно за оценка на уставноста на законот.

Џафери смета дека, целта на поднесените над 35 илјади амандмани на Законот  е политичка, оттука, може да се очекува и тој да делува политички. Вели дека, ова е прашање на инает, доколку се оди со инает, ќе се оди до крај. Тврди и дека, законот е веќе донесен и во трето читање не може да се поднесуваат амандмани. На прашањето, зошто тогаш тие воопшто се примени во Собранието, Џафери одговори дека, службите примаат се што се поднесува. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го негира ова. Вели дека, уставноста не може да се оценува на закон што се уште не е стапен на сила. Ако Џафери се осмели на потег, со кој ќе ја спречи амандманската расправа, тоа според него, би било погазување на Уставот и поништување на постоењето на Собранието.

Џафери и Димовски се повикуваат на различни членови од деловникот за работа на Собранието. Џафери се повикува на член 141, кој вели дека, оценката на уставноста е на Законодавно-правната комисија и дека уставноста не може да се оценува на пленарна седница. Димовски, пак, вели дека, член 173, став 3, е дециден дека, ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката, а нивните амандмани, вели Димовски, се исклучиво на забелешките на Иванов.

Додека се чека да завршат формално-правните игри, амандманите се преведуваат и на албански јазик. До сега се преведени 17 илјади од поднесените над 35 илјади.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ