
Шекеринска и Крстичевиќ: Утрешното потпишување на Протоколот за НАТО во Брисел е историски успех на Македонија
Хрватскиот заменик-премиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој престојува во посета на земјава, како историски успех за Македонија го означи утрешното потпишување на Протколот за пристапување во НАТО од страна на земјите членки во Брисел.
Со потпишувањето на Протоколот, истакна тој на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на Македонија и се овозможува продолжување на евроатлантските интеграции, идното членство и во НАТО и во Европската унија.
Тој изрази задоволство што токму оваа недела е во Скопје кога се случува овој историски момент за Македонија и додаде дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува земјата на европскиот и евроатлантскиот пат со пружање на сето хрватско знаење и искуство. Потсети дека хрватската Амбасада во Скопје во 2017 и 2018 година беше контакт со структурите на НАТО во целиот процес што Македонија го реализираше во тој период, меѓу кои беа и претпристапните разговори.
Министерката Шекеринска изрази задоволство што токму во овој момент пред утрешното потпишување хрватскиот министер за одбрана доаѓа во посета на Македонија.
– Колегата Крстичевиќ има одличен тајминг. Пред една и пол година првпат се сретнавме за да им честитаме на нашите црногорски колеги за членство во НАТО и тогаш и од него и од другите министри за одбрана во регионот ја добив истата порака дека ја очекуваат Македонија како следна. Но, пред една и пол година беше тешко да се биде оптимист. Имаше премногу причини да сметаме дека по една изгубена декада работите ќе одат тешко, рече Шекеринска и додаде дека Хрватска во тој период и дала голема поддршка на Македонија и во воена и во политичка смисла.
Шекеринска изрази очекување дека Хрватска многу брзо ќе го поддржи со ратификација членството на Македонија во Алијансата.
Таа посочи дека на примерот на Хрватска се видело колку членството во НАТО позитивно влијае не само врз безбедноста, туку и врз сите политички процеси, но и врз интегрирањето во ЕУ.