
Пет „за“, четири „против“ одземање на имунитетот на Љупчо Димовски
Пет „за“, четири „против“ одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е казна од власта оти Димовски не гласал за уставни измени. Прашаа дали СДСМ има свој „Голи оток“ за освета на сите пратеници од опозицијата. Го прашуваа претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања, Павле Богоевски дали има правда и дали има мир, нешто за што се бореше кога беше на чело на „Шарената револуција“. Тој пак им одговори дека судот а не Собранието одлучува за притворот на Димовски.
Четири часовната расправа за одземање на имунитетот на Димовски се претвори во вистинско поле за препукување на тема судство. Ако власта смета дека Груевски и груевизмот се виновни за катастрофалната состојба, опозицијата порача дека токму сегашната власт го пушти Груевски да избега.
Инаку Љупчо Димовски е осомничен дека ја злоупотребил службената положба додека беше министер за земјоделство. Од вчера за истото дело во притвор се и поранешните министер и заменик Михаил Цветков и Кристијан Делев, а Ацо Спасеновски во домашен притвор. Денешното гласање е само препорака за одземање на имунитет на Димовски на пленарна седница. По ова судот ќе одлучи дали ќе го прифати барањето на обвинителството кое ги товари екс министрите за злоупотреби со државно земјиште во вредност од 1,4 милиони евра.
Билјана Николовска