Четири странски компании во земјава бараат намалување на царините за репроматеријали

Четири странски компании, од кои три германски, кои веќе работат во земјава преку свои производни погони, барале од Владата да им ги намали царинските давачки за одредени репроматеријали кои ги користат, бидејќи, како што се пожалиле, тие им биле превисоки и нивните производи станувале поскапи и губеле на конкурентност.

Претставници на компаниите Марквард, Кромбер и Шуберт, Костал и Гентерм веќе имале средба со министерот Тевдовски, на која рекле дека поради овие повисоки царински стапки, и покрај евтината работна сила, дури и замрзнале плановите за проширување на своите инвестиции, во очекување на бараното намалување.

Од Германската стопанска комора во земјава потврдуваат дека организирале работна средба со министерот за финансии, на која четирите компании дале свои предлози за промена на некои од царинските стапки, кои велат, во земјава се многу повисоки, дури и за 15 отсто, од земјите од Европската унија и регионот, поради што земјава ја губи конкурентноста како дестинација за инвеститори во однос на соседните земји.

Станува збор за електронски компоненти кои ги користат дел од инвеститорите со покомплексно производство, и не се однесува за сите компании.

И од Министерството за финансии ја потврдуваат средбата, но каква ќе биде одлуката, ќе зависи од нивните анализи.

Министерот за финансии и неговиот тим остваруваат средби со претставници на компаниите во земјава со цел да се информираат за состојбите. Во министерството беше одржана и средба со германските компании, ги слушнавме нивните барања. Доколку има промени во однос на истите ќе ја информираме јавноста. Нашата цел е да создаваме подобри услови за сите компании како странски, така и домашни, велат од Министерството за финансии.

Дел од овие компании работат во технолошко индустриските развојни зони, а дел во зоните во општините.

Владата ги изедначи условите за добивање на државна помош меѓу домашните и странските компании, со прецизно дефинирани критериуми, преку Законот за финансиска поддршка. Тоа следуваше откако домашните фирми реагираа дека странците добиваат повластици, а тие се принудени да ги плаќаат сите давачки кон државата.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ