Малолетничката бременост е во пораст – шестоодделенка е најмладата родилка

Најмладата малолетна родилка е шесто одделение. Има 11 години и заедно со уште три други на возраст до 13 години се најмладите во 2016 и 2017 кои родиле дете. Најмногу од бремените малолетнички се близу своето полнолетство.

„Во ран развој на нивната личност тие забременуваат по што треба да носат битни одлуки – дали ќе ја прекинат бременоста или ќе го родат бебето и ќе ја преземат грижата за него. 731 малолетничка се породила во истражувачкиот период и притоа 4 случаи на породувања има од страна на деца на возраст од 11 до 13 години, 225 деца се породиле на возраст од 14 до 16 години“ кажа Васка Бајрамовска, заменик на Народниот правобранител.

Народниот правобранител тропнал на вратите на болниците и барал да ги прегледа гинеколошките картони на девојчињата кои немаат наполнето 18 години. Дошле до поразителни бројки и заклучиле дека расте малолетничката бременост и бројот на абортуси.

„Властите се загрижени. Велат дека се повеќе девојки на возраст до 18 години раѓаат деца или абортираат. Според податоците коишто ги собрал народниот правобранител, речиси сите од тие девојки биле во вонбрачна заедница или пак болниците немале целосни податоци околу нивниот брачен статус“

Младите моментално се целосно неедуцирани за несаканата бременост и сексуално преносливите болести – потенцира доктор Душко Филиповски.

„Првин би ја спомнал психофизичката подготвеност на девојчињата и девојките за бремност и раѓање. Гледано од гинеколошки аспект тие се способни за бременост и раѓање меѓутоа треба да се обрати внимание особено на психичката и физичката подготвеност на идните мајки. Мислам дека во моментов најпродавана таблета во Македонија е таканаречената „Ден потоа“. Тоа е таблета којашто се користи како акутна посткоитална контрацепција за незаштитен однос. На младите им е најлесно после незаштитен однос да одат во аптека, да си ја купаат таа таблета. Во некои аптеки бараат рецепт, но најчесто не бараат“ кажа доктор Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози.

Според лекарите – здравствените власти треба да седнат на маса и сериозно да размислат и да се договорат. Споредувајќи ја Македонија со земјите во регионот, констатираат дека само кај нас ниедно контрацептивно средство не е на позитивната листа на лекови. Во спротивен случај, би се намалил бројот на несакани бремености тврдат гинеколозите.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ