
Вчерашните обвинувања на Спасовски денеска се индиции од медиумите?
Иако вчера со сигурност редеше имиња на лица кои прават извештаи во корист на ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на изнесени информации од институциите, вклучително и од МВР, министерот Спасовски денеска го омекна ставот. Тврди дека информации се изнесуваат, но не и од неговите вработени, а дека сето ова се индиции од медиумите.
Вчера од собраниската говорница Спасовски изјави дека располага со список на лица и извештаи на структури од ВМРО-ДПМНЕ кои следат јавни личности, пратеници, политички противници, свои сопартијци, па дури и припадници на МПЦ. Во извештаите имало информации за средби, проценки и анализи за внатрепартиски и други политички случувања.
Одговарајќи на новинарско прашање дали некои од тие лица ќе бидат приведени, рече дека се анализираат доказите и дека ќе се консултираат со надлежните институции.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, владата монтира вакви случаи за да ја прикрие својата неспособност.
Пратеничкото прашање вчера го постави Нола Исмајлоска-Старова, која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ. Се сомнева дека постојат параполициски структури кои следат јавни личности, по што во порталите се објавуваат полувистини и се загрозува безбедноста на над педесетина лица.
Далиборка Дамјанска Цветановска