Љупчо Димовски го напушти Кривичниот суд заедно со неговиот адвокат

По соочувањето кај судија од предходна постапка Љупчо Димовски го напушти Кривичниот суд, заминувајќи си со неговиот адвокат Миланко Еленко со приватно возило.

Претседателот на Мандатно имунитетната комисија, Павле Богоевски, во телефонски разговор за Телма рече дека мора да се испочитува процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот Димовски, бидејќи тој е актуелен пратеник и дека Собранието ќе го запази рокот од 3 дена, а најверојатно во понеделник ќе го разгледа известување од судот дека против Димовски се води истражна постапка.

Димовски во судот повторно треба да се појави на сослушување кај судија од предходна постапка на 6-ти февруари, велат извори од судот за Телма.

Како што јави репортерот на Телма, Павле Беловски, во Кривичниот суд се донесени поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски и поранешниот заменик министер Кристијан Делев. Неофицијално за двајца од нив судот веќе донел одлука но, се чека да бидат објавени решенијата.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претходно информира дека четворицата во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.

– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ