Обвинителството бара притвор на четворицата поранешни министри за земјоделство

Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 одлучува по предлог на надлежен јавен обвинител за определување мерка притвор за четворицата поранешни министри и заменици министри за земјоделство кои се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

Како што јави репортерот на Телма, Павле Беловски, во кривичниот суд се донесени поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски и поранешниот заменик министер Кристијан Делев. Неофицијално за двајца од нив судот веќе донел одлука но, се чека да бидат објавени решенијата.

Во меѓувреме до Парламентот е пристигнато известувањето од судот за пратеникот Љупчо Димовски. Ова за Тлема го потврди претседателот на мандатно-имунитетната комисија Павле Богоевски, кој објаснува дека секој судски предмет кој се отвора за некој паратеник посебно заседава комисијата и го разгледува имунитетот на пратеникот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претходно информира дека четворицата во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.

– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ