
Македонските ученици немаат основни познавања од математика, природа и читање
Во последнава деценија стагнираат просечните резултати кај учениците во Македонија, покажани на меѓународни тестирања. А над 50 % од учениците на тестирањето ПИСА не покажале основни знаења по математика, природа и читање, е нотирано во анализата на системот за оценување и евалуација во образованието, што го изготвија Организацијата за економска соработка и развој и Уницеф. Министерот за образование Адеми вели дека содржините од анализата ќе влезат во нацрт верзијата на изменетиот Закон за основно образование што се подготвува, со цел подобрување на образовниот систем во земјава.
Наташа Пејичиќ 22 години предава во ОУ „ Петар Поп Арсов“, во скопската населба Карпош 4. Како наставник по одделенска настава, од 1 до 5 одделение, вели дека во минатото генерациите ученици покажувале подобри резултати од денешните. А, причина се долгото седење пред компјутер и применетата на Кембриџ програма во образованието, објаснува таа.
- Минатите генерации дефенитивно покажувале подобри резултати од денешните генерации. Тоа се должи на фактот што поимите што се работеа и знаењата што ги усвојуваа беа темелни. Имаше време да созреат знаењата и беа поквалитетни, рече Наташа Пејичиќ- одделенска наставничка во „ Петар Поп Арсов“.
Се повеќе деца поминуваат подолго време од порано на училиште, но тоа не се одразува позитивно врз резултатите, велат од Организацијата за економска соработка и развој, кои со УНИЦЕФ ја подготвија анализата на системот за оценување и евалуација во нашето образование. Според Хана Кичн, стагнираат просечните резултати добиени од меѓународните тестирања на учениците во Македонија, а голем % од нив не покажале ни основни знаења по одредени предмети.
- Нешто повеќе од 50% од учените во државата , на тестирањето PISA, во 2015 година, не покажале основно знаење по математика, природни науки и во читање, вели Хана Кичн-Oрганизација за економска соработка и развој.
Според министерот за образование, Адеми, анализата ќе биде вклучена во нацрт измените на Законот за основно образование што се подготвува, со цел градење на подобар образовен систем.
- За резултатите на нашите ученици за PISA и за другите оценувања кои се направени, во други кредибилни извештаи, ние сериозно ќе ги земеме предвид и секако ќе влијаат при креирањето на нашите политики. И ќе предлагаме решенија за да се надминат ваквите ситуации, вели Арбер Адеми- министер за образование.
Во предучилишна возраст се развива 80% од мозокот на децата. Но тоа мора да биде придружено со силно, рамноправно и квалитетно образование за секое дете, во текот на годините на целиот негов развој. За тоа да биде постигнато ќе соработуваме заеднички, дополни Елзебет Ериксон од УНИЦЕФ.
Сотир Трајков