Обвинетите во предметот „Топлик“ во судница, „Труст“ одложен

Во Кричниот суд денеска треба да се одржи судење за предметот на СЈО „Топлик“, во кој осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште.

Овој предмет со новиот распоред му е доделен на судијата Осман Шабани.

Во „Топлик“, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки, составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинување на договорот по вина на Министерството, овој државен орган се обврзал на правното лице „Сан сити“ да му исплати долг и затезна камата во износ од еден милион евра.

Во Судот денеска требаше да се одржи ново рочиште за предметот „Труст“, но поради боледување на судијката Лидија Зимбовска е одложено.

Првоосомничен во „Труст“ е бизнисменот Сеад Кочан. Тој и уште две физички и три правни лица, меѓу кои управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и ВАТО се сомничат за учество во тендер на Електрани на Македонија во вредност од 17 милиони евра со фалсификувани документи.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ